ЗБОРНИК НА ТРУДОВИ ОД МЕЃУНАРОДНИОТ НАУЧЕН СИМПОЗИУМ МАНАСТИРОТ СЛЕПЧЕ И ПОСТВИЗАНТИСКАТА УМЕТНОСТ НА БАЛКАНОТ ВО XVI И XVII ВЕК

30/07/2021

     Кога пред неколку години, во 2015 г., ја организиравме Првата научна конференција посветена на манастирот „Св. Јован Претеча (Продром)“, нашата намера беше да поканиме афирмирани истражувачи од земјата и од странство кои, од доменот на својот научен интерес, ќе презентираат нови сознанија за историјата на Манастирот, за неговото богато, книжевно и уметничко наследство, создавано повеќе од осум века.
Високото научно ниво на студиите и на прилозите, објавени во Зборникот на трудови од Првата научна конференција во 2017 г., на најдобар начин ги оправда нашите заложби, низ еден научен, интердисциплинарен приод, да се проучуваат и да се афирмираат црковно-историските и уметничките вредности и старини на манастирот „Свети Јован Претеча Продром“ во Слепче. Втората научна конференција, одржана во 2018 г., во средиштето на научниот интерес го имаше манастирот во Слепче, но, сега, ставен во еден поширок контекст на уметноста на Демир Хисар и на околните области, на Пелагонија, Кичевско-бродскиот крај и, уметноста на Охридската архиепископија и, пошироко, на Балканот, во XVI и XVII век.
Во овој Зборник на трудови од Втората научна конференција: Манастирот Слепче и поствизантиската уметност на Балканот од XVI и XVII век, се претставени текстови кои презентираат повеќе нови, досега малку познати и необјавени споменици од овој период, како и обиди за толкување на одредени појави иманентни за тематските и иконографските особености на поствизантискиот фрескоживопис и иконописот на почвата на Македонија
и диецезата на Охридската архиепископија во XVI и XVII век.
Научната конференција, дел од Слепченско-демирхисарската едукативна летна школа, секоја втора година анимира истражувачи на културната историја на Македонија и на Балканот, во контекст на европското и светското културно наследство. Ова е дотолку поважно денес кога сме исправени пред предизвиците на големите интегративни процеси во пошироки, европски рамки, како и нашите стремежи, низ афирмирање на нашата традиција, да ги исцртаме и да ги потврдиме нашиот духовен, национален и културно-историски идентитет, како и нашата припадност и местото каде што цивилизациски припаѓаме како источник на балканската и на европската духовност и култура.

д-р Сашо Цветковски