Слепченскиот манастир посветен на Светиот Јован Претеча е духовно жариште кое изнедрило мноштво монаси – духоносци кои неуморно работеле на нивата Господова принесувајќи стократни плодови од кои до ден денес се ползуваат гладните за Словото Божјо. За долгиот и активен монашки живот ни сведочат зачуваните Слепченски Поменици кои по нивниот број ги надминуваат големите Балкански манастири. Слепченскиот манастир претставувал најзначајно и највлијателно црковно и манастирско средиште на Охридската Архиепископија, каде што биле подготвувани кадри, мисионери и бројни јеромонаси коишто биле испраќани по целата диецеза на Охридската Архиепископија, особено за време на охридските архиепископи Прохор (1525 – 1550 г.) и Никанор кои пружиле и овозможувале силна поддршка на активната духовно просветителска дејност на монасите.

Триптих поменик од манастирот 40-те години на 16 век

 

 

 
Угледот на манастирот како во времето на својата постара историја, така и подоцна, привлекувал ктитори и приложници меѓу Византиските цареви, Урго-влашките војводи и најмоќните македонски благородници, кнезови од времето на Османлискиот период, богати закупци на рудниците во Железнец и Демир Хисар. Во долгата историја на манастирот кон крајот на XIII век како ктитори се запишани византискиот цар Михаило VIII – Палеолог, Урго-влашките војводи во XV век, кнезот Димитар Кратовски во средината на XVI век. Неоспорната финансиска моќ на манастирот овозможувала монасите да испраќаат прилози и даренија на повеќе Светогорски манастири. Една од величините на овој манастир е тоа што никогаш не отстапил од словенскиот јазик и покрај силниот притисок на грчката патријаршија да го употребуваат грчкиот јазик како богослужбен.
Во познатата Слепченска скрипторија се препишувани, преведувани мноштво книги за богослужбена употреба, потоа Номоканонот на Матија Вастар (збирка со црковни закони и правила) и составувани посебни зборници со духовно поучни содржини, Старечници, меѓу кој е сочуван Слепченскиот Патерник од XIV век, теолошки расправи и особено полемики од кои најпознати се толкувањата на делата на св. Григориј Палама, кои сведочат за богатата библиотека со која располагал овој манастир.
Монасите за потребите на одредени манастири и епископи препишуваат Четвороевангелија, Апостоли, Минеи, Октоиси, Пролози и други книги коишто го приближуваат Христовото учење по широките народни маси но и монаштвото во манастирите коешто го поддржуваат автентичното Христово учење.
Овде се истакнува еден Апостол од втората половина на XI век кој претставува најстар препис на словенскиот превод на Апостолот директно од перото на светите браќа Кирил и Методиј.

Особено се истакнал вештиот и учен книжевник јеромонахот Висарион Слепченски
кому му се препишуваат бројни ракописи.

Книгите коишто биле нарачувани од манастирот биле укоричени и украсени во манастирските работилници со автентична техника, но восхитувачкa е калиграфската умешност на монасите кои се препознатливи по киноварните иницијали со флорални елементи. 

Од манастирската книжевна ризница, меѓу другото, е сочуван и стар ракопис на невми кој што ни сведочи дека Слепченското монашко братство го негувало источното псалтикино пеење како продолжение на Светоклиментовата школа. Од прекрасните плодови кои ни останаа од тие времиња, сочуван е и еден поетски запис од 1398 година напишан во ракописен Апостол од Слепченскиот манастир, поточно песна на еден монах до својот собрат, којашто денеска се смета за почеток на современата поезија на овие простори.

 

Низ долгогодишната историја на Претеченскиот манастир, монасите создале најавтентичен стилски израз во резбарството на Балканот, од кој се сочувани артефакти од XVI век. Овој стил надалеку е прочуен како плитка резба со плетеница, а во медиевистиката и уметноста на средниот век мотивите и стилскиот израз на резбата го добиваат називот – Слепченска резбарска школа.

Манастирот постојано се доградувал и проширувал, а повеќе негови целини: манастирската црква, трпезарија, влезните портали биле живописани од најдобрите зографи на своето време. Денес, сведочат остатоци од иконописот на двајца најдобри зографи на Охридската архиепископија од првата половина и средината на XVI век, зографот Јован од Грамоста и зографот Онуфриј, како и остатоци на фрескоживописот во северниот и јужниот портал на манастирот од 1637/8г.

Денес, по возобновувањето на монашкиот живот, со Божја помош жителите на манастирот ги продолжуваат вековните и духовните традиции.