Свети Кипријан Слепченски - житие и прослава

31/10/2019

Свети Кипријан Слепченски - житие и прослава

МОЛИТВА  КОН  СВЕТИОТ  СВЕШТЕНОМАЧЕНИК  КИПРИЈАН

Преславен и чудесен оче Кипријане, ти кој за Христа Бога животот го даде, погледни и сега кон нас, кои кон тебе со молитва се обраќаме и пред престолот на Бога Вишниот, за нас застапи се. Сочувај не од замките на овој свет и заштити не од страстите на телото, за да можеме со чист ум, молитви да принесуваме. Монасите во подвигот поткрепи ги и за средба со Христа Воскреснатиот, подготви ги! Испосниците од немоќта на телото ослободи ги и во духот зарадувај ги! Нажалените утеши ги и немоќните  излечи ги, за сите да се радуваме заедно со тебе на Бога, Кој воскресна! Премудар оче, татковината наша од наезда на разбојници и иноверци, заштити ја и секоја монашка обител во мир запази ја. Заштити го нашиот народ православен од секакво малодушие и кривоверие, и по вистинскиот пат на спасението упати го. Не дозволувај верните да страдаат и од Бога да се отклонуваат. Младината поучи ја и срцата на младенците за Христа загреј ги, а старците со мудрост обдари ги, за достојно животниот пат да го завршат!  Преподобен Кипријане, од нашата мрзливост не гнаси се, и од нашата немарност не одвраќај се, туку дојди да ни помогнеш патот на животот добро да го изодиме и верата православна да ја запазиме! Со своите молитви пред Бога заштитувај н# и во подвигот поддржувај не, па откако ќе принесеме жртва пријатна пред Бога, заедно со тебе, во рајот да се населиме, таму каде непрестајно Пресветата Троица се слави.Преславен Христов маченику Кипријане, заштити не и нас кои сега ти се молиме и направи н# достојни за на Бога слава да Му вознесуваме низ сите денови на овој век и во бесконечноста на идниот. Амин!

Свети свештеномачениче, оче Кипријане, моли го Бога за нас!