Молитвени дневници

22/05/2019

Молитвени дневници

За Карула...

            Карула е место чудесно, несфатливо, сурово за живот, избрано за подвиг, за преобразување на страстите, за возлети кон небото. За разговор со Бога...

            И кој може тука да свие „гнездо“ како птица на гранка, ни на небо, ни на земја. Небото е високо, а Карулското парче земја е карпесто и пусто, осамено и непристапно. Наместо со крилја тука се возлетува со молитва, вера, надеж и љубов. И тоа не е обична молитва, ниту слаба вера, ни краткотрајна надеж, ниту љубов без дела.

            На животот во Карула се одлучуваат повикани и призвани, силни и упорни, трудољубиви и подготвени на подвиг за жртва. Тоа се луѓе кои ги презреле сите убавини и сите грдости на овој свет, оние чие срце не престанува да Му пее на Господ. Додека читаме за старците Теодосиј и Никодим Карулски срцето трепери, а солзи навираат на очите. Тие се пример, охрабрување дека може и дека мора да се живее во подвиг, дека е важен трудот, засилувањето на волјата, дека љубовта чуда прави.

            Карула е поттик на ревност, бидејќи додека ние спиеме, додека се угостуваме со разновидни ѓаконии – тие јадат суварки или гладуваат, додека ние трошиме зборови кои ќе ни бидат суд и осуда – тие раговараат за Бога. Не е ли доволно охрабрувачки да се помисли дека е прекрасно што вакви места сѐ уште постојат. Таму сѐ е подвиг. Подвиг да се искачиш до ќелијата, подвиг да се прехраниш, подвиг да спиеш на тврда земја, подвиг да се победи зимата и летото, подвиг да се биде сам, а во труд и борба со страстите и различните искушенија – физички и духовни. Карулските подвижници покажуваат дека тоа е возможно и денес, во овој наш зовриен свет. Кој може да не се восхитува на нивниот живот, кој може да не посака макар делче од таа нивна Љубов. Го уништиле овоземното искачувајќи се по небесните скалила, со покајание, воздржание, молитва...