Да се види Бог каков што Он е - архимандрит Софрониј

22/05/2019

Да се види Бог каков што Он е

Архимандрит Софрониј (Сахаров)

Предговор

Господ ни заповеда да не твориме ни молитви, ни милостини, ни пост, ни други добри дела пред луѓето, сметајќи го тоа за лицемерно барање слава од нив. Отецот наш небесен, „Кој е во тајост... И Кој гледа тајно“ (Мт. 6, 1-18), не благослови такви дела. И не само што заповедтта Божја говори дека треба да се сокрива нашиот внатрешен живот од туѓите очи, туку и нормалниот духовен инстикт, како некаков „категорички императив“, забранува да ја нарушуваме тајната на душата, која стои пред Бога. Покајната молитва пред Вишниот е најинтимното место на нашиот дух. Оттука и желбата да се сокримеме некаде под земја, за никој да не нѐ види, никој да не нѐ слушне, за сѐ да остане само помеѓу Бог и душата. Така и јас ги живеев првите десетлетија во моето покајание пред Господа. Со тоа, моето горко искуство многу често ми покажуваше дека е неопходно да се бега и од насоченоста кон самиот себе, бидејќи инаку стануваме жртва на духот на суетата или самозадоволството. Заради таквите движења на нашиот дух ние претрпуваме богооставеност.

Мојот пат, моите искуства по својот карактер, веројатно, не се сосема обични. Сепак, со својата суштествена содржина тие пред мене го разоткрија трагизмот на ситуациите на милиони луѓе, расејани по целото лице на Земјата. Не е исклучена можноста, дека мојата исповед, поточно – мојата духовна автобиографија, макар на некои од нив ќе им олесни да најдат благопријатно решение за искушенијата низ кои поминуват.

Во оваа книга јас ќе го задржам вниманието на опишување само делови од искуства на кои бев удостоен. Истовремено, паралено со тоа, сметам дека е важно да се спомне дека целиот тек на мојот живот во Бога, ме доведе до убедувањето дека секое отстапување на нашето умно сознание од правилното разбирање на Откровението неизбежно се одразува во секојдневното пројавување на нашиот дух. Со други зборови: Вистинскиот праведен живот е условен од точни сфаќања за Бога – Света Троица. Така, се предавам себеси во довреба на секој читател, надевајќи се дека тој ќе ме спомне во своите молитви кон Отецот наш, Кој е на небесата.