За духовниот отец

18/03/2019

1 јануари 1946 година


“Ете ме мене и децата, кои Бог ми ги даде.” Јас не сакав да имам деца по тело во светот, но Бог вас ве даде на мене да ве имам како духовни деца. Таа реченица ми дава утеха, а претпоставувам дека и вам ви носи радост исто така. Ве имам како мои духовни чеда, па така и вие примете ме како ваш духовен отец.
Духовниот отец е поголем од таткото по тело. Бидејќи ако видам дека сте ја удриле ногата на камен, ќе се загрижам и ќе поитам да ви помогнам. И ако видам дека ве водат на суд заради некој ваш долг, ќе побрзам да го отплатам во ваше име. И ако видам дека луѓето ве осудуваат, ве проколнуваат или ве клеветат, ќе бидам на ваша страна и ќе ве заштитам.
Ако ве видам тажни и дека никаде немате утеха, ќе дадам сé од себе, макар да пролијам и капка од својата крв, ако е можно да ве утешам. Ако видам дека боледувате, не можам да помогнам, туку ќе ви понудам помош во третманот. Не можам да ги гледам вашите страдања и да останам рамнодушен, бидејќи мојата душа болува заради вас. Јас сум ви даруван од Светиот Дух и сочувствувам со вас.
Ако сте под демонска власт, ако сте во опасност од страсти, ако сте вознемирувани од едно или од друго нешто, не можам да седам мирен. Со сите можни средства ќе се обидам да ви помогнам. И ќе ви дадам отпуст на гревовите, за во Царството Небесно да отидете исповедани. Но, сето тоа зависи од вас.
И сето она што сега го реков, со радост сум подготвен да го направам. Тоа го знаете веќе години, бидејќи тоа го гледате секој ден. Но, сé зависи од вашата сопствена вера и почит, од вашата преданост и доверба што ја имате во мене. Должни сте да ги имате истите чувства кон мене, да го применувате она што е примерно во вашата положба, додека јас сум оној кој ве надгледува и чува како пастир. Изгледа дека јас сум недостоен пастир, знам дека сум недостоен, но сум оној којшто е овде.
А пастирот е секогаш буден. Кога гледа дека доаѓа волк, подготвен е да го заштити своето стадо со сите расположливи средства, па повикува и други на помош. Тој вика, свири, фрла камења на животните, кои се неспособни да расудуваат.

 

Сестри, и јас го правам истото: од време на време викам, некогаш ве карам, па потоа пак се лутам. Бидејќи јас сум пастир на словесни овци, кои имаат дар на расудување. А не би требало да биде така. Бесловесните животни немаат расудување. Тие не разбираат. А на оние кои разбираат, доволен им е само еден збор од пастирот за да го послушаат. Но, ако под влијание на демоните или лошите навики или непочитта кон пастирот, оние кои имаат дар на разбирање – не слушаат, тогаш сé што рековме треба да се примени.
Само пишаното слово, словото од Евангелието, доволно е да го научи словесното стадо и мене, како да ве заштитам од тајниот волк, демонот. Но, бидејќи не го слушаме словото, се жалостам што понекогаш морам да се борам, понекогаш да викам, понекогаш да казнувам, а некогаш да тешам, цело време внимавајќи да не ја престапите границата.
Не смутувајте се, сестри, заради она што сега ви го говорам, туку подобро врежете го длабоко во вашите срца, бидејќи еден ден јас ќе заминам и ќе ви биде потребно. Мојата љубов ме тера да ви ги кажам овие нешта. Тоа е духовна приврзаност, која не можам да ја искажам поинаку од она како што ви го зборувам.
Должни сте да ме слушате. И ова мое ништожно слово е завет, кој треба да го чувате.
Не дојдов овде да лежам на мека постела и да се одмарам додека срцето не ми стане задоволно, туку дојдов да паднам во понизност. Не дојдов ваму заради слава и чест и да ми се обраќаат со „господине“, дојдов да ме проколнуваат, да гладувам, да жедувам, да работам, да трпам исмевања, да бидам газен заради Христовата љубов. Јас не сум господин. Мајката Божја е Владичица и Нејзиниот Син е Господ. Јас сум ваш слуга. Ви служам толку многу години. Јас сум ваш роб, дури ни Старец не сакам да ме нарекувате. Не ми се допаѓа и не го сакам тоа, но честа што толку ми ја укажувате, е во ваша корист.