СВОЈ - на Свети Серафим Саровски

15/01/2020

СВОЈ

                            На свети Серафим Саровски


Помешани чувства
на удолници и угорници,
не крената магла
натежнатост со мои слабости.

Прашање да поставам
сигурно смеам
но, сепак е тоа желба
обременета од носталгија.

Небо ми изгледа далеку
скала немам да се искачам,
а скалила одбегнувам
па вртам во круг наоколу.

Сакав да бидам свој
но однатре слушнав глас – немој,
немој сам да талкаш по пустина
не оставај род без порода.

Туку ти измоли сопатник
некој искусен – татко налик,
кој ќе те поведе молчешкум
па и рамења ќе станат носила – навидум.

Измоли од Бога,
Кого Го возљуби
иако во пекол беше со една нога,
Он не те остави.

Ете молитва услишена
вез од предци тебе те достигна,
од Оган се изнедри латица
Серафимова наметка беше подадена.

Не само рака подадена
туку душа се спаси да не биде продадена,
гранка сок пушти, да биде калемена –
о Серафиме, ти стана моја небесна кочија !

Радувај се, Богородична заштито !
Радувај се, ме смести во твоето око !
Радувај се, душа ми оневести за Христа !
Радувај се, радости моја,
Љубовта моја постана од твојата !

Радувај се, Преподобен Серафиме
на оние кои притекнуваат при тебе – спасение !

 

Од сестринството на манастирот