СРНА

13/01/2020

                                   На света Анисија

Излегувајќи од утроба мајчина
го допре воздухот на минливоста,
со нозе застана на земјата
но чело се подигна во висина.

Те препозна Создателот
те знаеше пред сонце зенит да достигне
ти подари пат Чистиот
те повика како мило дете.

Обдарена со очи на кротоста
Срна се јави во светот на жалоста
впи во себе тага радосна
изли од срце молитва спасоносна.

Ах, кога би знаела душата
Никогаш очи да не собори
Исконска љубов да приграби
Сила која Господ ти подари
Извор стана од кој Он простува
Јадови и падови човечки
Анисио по твоите свети молитви.

Лекувај, простувај, покривај
девојко света, срно небесна
пригледувај, удомувај, завиткај
во љубовта од Бога ти подарена.

                                          Сестринството на манастирот