Се упокои во Господа Старец Хризостом, игуменот на обителта на Преподобниот Никодим во Кукуш

26/01/2021

 

Старецот Хризостом Игуменот на Свештената обител на свети Никодим Светогорец тивко пред десетина години ја посети обителта на светиот Јован Претеча, а и манастирот Свети Атанасиј.

Тивко бидејќи монах дојде да се помоли, не држејќи до себе дека беше веќе еден од најискусните духовници, со повеќе од четириесет години пребивање во општежитие.

Тивко бидејќи не држеше до себе туку со едноставност, лице озарено, но сепак на себе ја носеше тежината на крстот кој Христос му го подарил, грижата за оние кои му ги поверил, но и благословот Христов кој преку него се делеше за оние кои на патот ги среќаваше.

Одамна веќе возвративме на посетата, но, многу поодамна како одсекогаш да сме се познавале. Некој ќе рече стари пријатели навидум, но, сепак ќе забележи, деца при искусен татко или старец смирен дојдоја, да видат каде живее тој, но, од каде и Христос се раздава преку молитва, покајание, и близина на старчева рака.

Им возвестуваме на христијаните благоверни, се упокои Архимандрит Хризостом, со тоа порака им праќаме на оние кои живот во Бога сакаат да имаат, да го спомнат, да се помолат за овој до крај Христов подвижник, чии очи светли, како што умееше тивко да каже, се прозорец на душа која за Христа се оневестува.

Царство небесно пастиру Христов ти глаголаме, но и – помоли се за нас, со немост изустуваме!

Уште во оваа пригода, до Црквата на верните испраќаме писмо од неговите духовни чеда, а и беседа која ќе биде прва меѓу останатите кои тој во одредена пригода ги сподели со своите, а и Христовите.

На 21 Јануари 2021 во попладневните часови на 74 години се упокои во Господа Архимандрит о. Хризостом Цавдариди, Ктитор и Игумен на Свештената обител на преподобен Никодим Светогорец и духовник на женскиот манастир на Пресвета Богородица Достојно Ест, метох на Светогорскиот манастир Симонопетра, по повеќедневна борба со сериозно заболување во Одделот за интензивна нега на ГСНЕ 424 во Солун каде што беше примен на Бадник.

* * *

Роден е во 1947 година во Солун. Тој беше четврто и последно дете на Константин Цавдариди, од Понт, и на Деспина Цавдариди од Кападокија. За време на Светото Крштение го добил името на неговиот претходноупокоен татко, Константин. Уште од седумгодиншна возраст донел одлука да се посвети на Бога. Тој рано го избра подобриот дел, едниот кој е потребен. Студирал на Вишото црковно училиште во Солун и на Богословскиот факултет на Аристотели универзитетот во Солун. На 6 мај 1970 година во манастирот на Светата Марија Магдалина во Халкидики на 23 годишна возраст, беше потсрижен за монах од митрополитот на Левкада г. Спиридон добивајќи го името Хризостом. Следниот ден бил ракоположен за ѓакон, а на 28 август 1973 година за јеромонах од истиот Митрополит.

Отец Хризостом од 1970 до 1979 година им служеше на Божјиот народ во епархијата Лагада. Во текот на 70-тите години на минатиот век, тој направил повеќекратни и повеќедневни поклонички посети на Света Гора, посетувајќи ја главно пустината на Света Гора и собирајќи го медот на тишината за времето кое го поминувал со доблесни подвижници и благодатни старци.

Во 1979 година добил отпуст за Епархијата Полјана, Гуменица и Кукуш. Со сесрден благослов на тогашниот митрополит Амвросиј (1974-1991 и подоцна Паронаксија 1991-2004) тој го основаше во 1981 година Светиот манастир на Свети Никодим Светогорец во Пенталофос, Гуменица кај Кукуш, во кој пребиваат околу 30 браќа.

Свештената обител од почетокот се основа како метох на Светиот Манастир Симонопетра, со благослов на митрополитот г. Амвросиј и со знаење на тогашниот Игумен и блажен Старец Емилијан Симонопетритски, којшто и поттикна ова свештено здание да биде метох на светогорски манастир за братството да живее и да напредува духовно.

На 8 ноември 1981 година (празник на Архангелите) се изврши првата Божествена Литургија во Светиот манастир од страна на митрополитот Амвросиј, во ново завршениот храм на Архангелите. На 18.08.1985 година, истиот митрополит го произведе старец Хризостом за великосхимник, давајќи му ја големата и ангелска схима на монасите, а истиот ден го востоличил за Игумен на Свештената обител.

Паралелно со градбите и со воспоставувањето на машкиот манастир отец Хризостом собра сестринство од монахињи духовно водени од Свештеното општежитие. Ова сестинство првично беше воспоставено во манастирот на Светиот Георгиј во с. Монастираки во епископијата Сидирокастро со благослов на митрополитот Јован. Тоа остана таму во периодот 1998-2008 година. Во 2006 година, на покана и благослов на блажениот митрополит на Лагада, г. Спиридон, Старец Хризостом започна со изградба на уште еден манастир, Свештената обител на Пресвета Богородица Достојно Ест во Месаио, Солун.

Сестринството (денес околу 20 монахињи) востановено во 2008 во Исихастирио, од секогаш беше засновано на духовното раководство на о. Хризостом којшто тогаш беше и Игумен на Свештеното општежитие.

Старецот го живееше монашкото искуство уште овде со благодатта на Царството Небесно. Им велеше честопати на своите монаси: „Илјада пати да се родам, илјада пати ќе станам монах“. И потенцираше: „Не знаеме во кој Рај не постави Господ, деца мои“.

И често потсетуваше дека целиот ден на монахот, без разлика дали е на послушание или во келија, треба да е едно продолжување на Божествената Литургија. Покрај двете монашки заедници кои ги водел духовно, тој беше истовремено и исповедник и духовен раководител на стотици мирјани.

Упокојувањето на почитуваниот Старец се совпадна со времето кога Светиот манастир слави 40-годишнина од постоењето. На 6 мај 2020 година, почитуваниот Старец исполни 50 години монашки живот.

Неговите бројни духовни чеда, двете монашки братства, свештенството и лаиците, со почит ги приклонуваат колената на душата и телото, понизно му ја бакнуваат раката и го испраќаат кон вечно блаженство, во прегратките на Христа Кој толку го љубеше уште како мало дете, и да има добра средба и добро воскресение.

Многупочитувани старче наш, понизно се надеваме дека денес прославувајќи ја Пресветата „Парамитиа“ Која толку многу ја сакаше, да те прими и да те принесе со радост на Христа. Но и нас да нé утеши кои останавме сираци без вашето присуство.

Вечен ти спомен многуљубен добар наш Старче, во нашите срца си, никогаш нема да те заборавиме, подгответе ни место за одмор во близина на нашиот Христос и близу вас. Наскоро да се видиме. Амин, амин.

 

 

Превод: сестринството на Манстирот Свети Јован Претеча Слепче