ПРЕТЕЧА

07/07/2022

Што да објавам на светот за тебе,
дали сум дел од твоето лозје,
дали ќе дозволиш калемов
да се пренесе жив на првиот чокот ?

Еднаш порти ми отвори
во твој предел монах молитва сотвори,
зад мене одамна се затвори
трло кое се бори да не ме испушти.

Повторно се потсетувам
на твое раѓање,
повторно, пак се радувам
на зборови кои немаат заборавање:

Јас не сум Тој,
туку по мене иде Оној
кому не сум достоен …

А јас,
достоен ли сум ?
Прашувам на цел глас
да пијам молчешкум
вода која минува,
минува,
и твои стапалки залева.

Каде можеше поудобно
пустињаштво да биде изучено,
смрт во тело, да биде вкусено,
освен при ноѕе Јованови,
онаму каде мируваат небесни бранови.

Те прославуваме,
но се плашиме
од благодат да не се изгубиме,
прва наредба од тебе добивме
патишта и патчиња да израмниме.

Време да не губиме
половина живот да употребиме,
како половина година
кога се сее и копа,
па останатоста
да биде жетва прибрана.

Секој пред себе да го поставиме
во секого Бога да Го видиме,
за на крај да исчекуваме –
Вистина да посведочиме.

Последното,
на крај да го предадеме,
вера да сочуваме
онаа која ќе биде за испитување,
таа ќе се употреби за спасување.

Радувај се, Јоване!
Радувај се, на благодат носителе!
Радувај се, за храброста примере!
Радувај се, вечен покровителе!