Нова радост од Слепченската обител - СЛЕПЧЕНСКИ ПРОЛОГ СО ХИМНОГРАФИЈА за Декември прв дел од 1 - 9ти
Слепченскиот манастир отсекогаш бил чувар на словенската писменост, и во тоа древно светилиште на најдејствителен начин продолжила Кирилометодиевата духовна дејност за просветување на словенскиот род. За ова сведочат безбројните зачувани ракописи, почнувајќи од 11 век, кои се пишувани од различни генерации на монаси, а верификувани со непроценлива вредност, како по содржина, така и по изведба, калиграфија, корици, орнаментика, украсни иницијали, а денес ги красат странските библиотеки и музеи, пред се во Русија, Бугарија, Украина, Србија, Хрватска, Света Гора.
Слепченскиот Пролог со Химнографија прв дел за месец Декември 1-9 е продолжување на оваа вековна книжевна традиција на жителите од овој манастир. Водите на боговдахновеното слово после краткотрајна суша повторно почнаа да жуборат со славословија на Бога и Светителите, и како плод на повеќегодишен труд, денес пред нас е оваа книга за месец Декември, првенче од циклусот 36 тома кои со Божја помош ќе следат во наредните години.
„Слепченскиот пролог со химнографија, има за цел да го продолжи континуитетот на епохалното дело на Светите рамноапостолни Браќа Кирил и Методиј, и нивните ученици Св. Климент Охридски, патронот на нашата Црква (МПЦ-ОА-ЈI), и Свети Наум, Охридскиот Чудотворец.
Некогаш, во времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, ги разделуваше народите тријазичната ерес, исто како и во времето на градењето на Вавилонската кула, кога Севишниот, поради нивната гордост им ги измеша јазиците, а со слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, со разделувањето на огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, заедно да Го славиме Пресветиот Дух, така и денес, ова дело преку овие три јазици, современиот Македонски, Црковнословенскиот и Англискиот, нè повикува најнапред нас Македонците во целиот свет, а потоа и сите словенските народи, преку црковнословенскиот јазик, а сега и преку светскиот англиски јазик, да Го славиме Троичниот Бог: Отецот, и Синот, и Светиот Дух.“
- Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско Новозеландски г. Петар
„Поривот за создавање изворен, автентичен литургископоетски израз, својствен за црковнословенската култура, ја обележува и современата култура, а го става својот потпис и врз химничните песни на Слепченски пролог со химнографија / Книга прва декември (2020). Потписот оди во прилог на колективното авторство на „сестринството на манастирот ’Свети Јован Претеча‘ – Слепче“ …обидот на слепченското сестринство е благороден и честит, вдахновен од изворните и непресушни христијански идеали. Затоа, нема да погрешиме ако кажеме дека оваа химнографска книга е напишана, составена и подготвена за печат со посветеност која е вдахновена, но и вдахновува.“
- Академик Катица Ќулавкова
„Светиклиментова писмена и литургиска традиција во наредните векови ќе биде практикувана и негувана од монашкото братство на Слепченскиот манастир „Свети Јован Претечаˮ кој во минатото бил активен книжевен центар и скрипториум на Охридската архиепископија. Тука духовно се подвизувале и работеле исклучително талентирани книжевни дејци какви што се еромонасите Висарион, Пахомиј и Матеј, инок Сисој и други од коишто е зачувано значајно црковно книжевно наследство. . .
По обновувањето на монашкиот живот во Слепченскиот манастир, се започнува и со обнова на книжевната дејност во манастирот. Се врши постепена дигитална реституција на црковното книжевно наследство по потекло од Слепче, се објавуваат книги со духовна и поучна содржина, чиишто автори најчесто се членови на манастирската заедница и сл. Од таков вид е и повеќетомното издание, во подготовка, под наслов ,,Слепченски пролог со химнографијаˮ, во коешто ќе бидат објавени пролошки житија и тропари за светците од првата половина на месец декември и тоа на црковнословенски, македонски и англиски јазик во придружба на источна и западна нотација. Пролошките житија се составени врз основа на постоечките житија на светителите, додека топарите се авторско дело на членовите на манастирската заедница. Како пролозите, така и тропарите се напишани на македонски црковен јазик со исклучителна компетентност и познавање на стилските особености на традиционалната македонска црковна поезија.“
- Академик Ѓорѓи Поп Атанасов
„Сегашните редови се посветени на една навистина уникатна според содржината книга, насловена како „Слепченски пролог со химнографија“, која на своите страници ги применува иновациите што ги налага нашето време, но истовремено ја утврдува старата псалтикиска традиција. На страниците на овој современ прирачник – плод на пофалната иницијатива на сестринството од манастирот „Свети Јован Крстител“, од село Слепче, Демирхисарско, се вложени многу посветеност, труд, музиколошка вештина и безгранична љубов кон овој вид уметност. Тука се издвојуваат голем број корисни придонеси во областа на химнографијата, синаксарографијата, псалтикографијата и богослужбеното дело.
Од химнографски аспект, овде треба да се забележи дека „Слепченскиот пролог со химнографија“ предлага, за нашата современост, едно многу полезно дополнување кон сеправославното богослужбено химнотворештво.“
- д-р Љубомир Игнатов,
Софиски универзитет „Св. Климент Охридски“
„Мелемната вода на Охридското езеро повторно станува лековита и го обновува духовниот вид и соборноста на Православниот словенски свет. Направивте многу, животот на православната духовност да се сочува, и убавината во заедништвото на Византискиот комонвелт уште еднаш да се огласи како вредност на големата милост.
Јужнословенскиот духовен, православен простор, свртен кон Охридската архиепископија, прозвучи во вашите вдахновени трудови, следеји ги најдобрите решенија. Со ваквиот чин вие укажувате на големата важност на почитување на сите односи кои го красат животот на помесните Цркви и го спречуваат самоволието и разделувањето на православниот свет.“
- композитор Светислав Божич, член на САНУ
„Сите тропари се составени, односно музикографирани, според правилата на тропарскиот напев и мелодиските варијации присутни во жанрот на источно-црковното пеење, чиј сам наслов сугерира дека тоа е древното (црковносл. источник = извор) изворно пеење на Православната Црква, аманет на композиторите светители – химнографи. Со други зборови, тоа е музичката уметност на псалмопеење (старогрч. ψαλτικήτέχνη), без која не може да се замисли православната богослужба.“
– протопсалт м-р. Георгиј Секулоски
„Навистина, голема е радоста што го коментирам овој, мал, псалтикиен синаксар, кој го подготвија сестрите од манастирот „Свети Јован Крстител“ од Слепче.
Ова, досега е единствена книга од ваков тип, бидејќи, внатре, содржината на тропарите е тријазична. Најпрво, тропарот е напишан на црковнословенски јазик, потоа, на македонски, и на крајот, на англиски.
Житијата на светците, за секој ден, заедно со нивнитe тропари ќе ја направaт книгата многу корисна, како за обичните верници, така и за црквнитe служители.
И, иако европската нотација не може да ги предаде точно специфичните карактеристики на византиското пеење, сепак, нивната транскрипција е една од најдобрите што сум ги видел.“
- Панајотис Сомалис Протопсалт при храм „Св. Харалампиј“ Лутон, Англија
„Книгата Слепченски пролог со химнографија несомнено е преродбенско надоврзување, суштествено возобновување и творечко збогатување на естетските дострели на христијанската химнографија: древните поетско-музички химнографски облици, настанати во далечното минато, пред нашите очи се овоплотуваат во една извонредна серија текстови и мелографирани песни во спомен и слава на многубројните светители, кои се слават секој ден од годината. Едновремено, чествувањето на светителите низ овие текстови е органски, неразлачиво поврзано со славењето на Бога, кому му се адресирани молитвените пораки. Секој ден од годините сегашни и идни.“
- Πроф. д-р. Владимир Мартиновски
„... пред нас е исправен скромен труд, плод на солзи и покајание, и молитвени воздишки кон Бога Срцевидецот, од сестринството на манастирот на славниот Претеча во Слепче, со благослов и духовно раководство на отецот Серафим. ...Слепченскиот пролог со химнографија всушност е создаден и предназначен да ја дополни богослужебната празнина (според типикот на Слепченската света обител), а ваквиот чекор е инспириран токму поради таа причина, и желбата, секој светител да биде прославен со свој тропар.“
- м-р Гоце Ристески
Оваа книга е само еден мал дел, но голем почеток во она што го поставивме за цел на нашиот труд, а за кој се надеваме со помошта на Оној Кој Самиот е Слово Божјо, да ни даде слово и разум и сила, да го довршиме започнатото со љубов дело, ползувајќи се од зборовите: Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја возгласува Твојата пофалба!
Во припреми е и вториот том на Слепченски пролог со химнографија за месец Декември од 10 - 20ти
Сестринството на Слепченскиот Претеченски Манастир