Кој сака да биде христијанин, треба најпрвин да стане поет - Св. Порфириј Кавсокаливит

25/06/2020

Душата на христијанинот, треба да е префинета, осетлива и чувствителна, да лета, да живее ,,во соништа“. Да лета во бесконечноста, меѓу ѕвездите, до Божјото величество, во тишина.

Кој сака да биде христијанин, треба најпрвин да стане поет. Тоа е тоа. Треба да сочувствуваш, да љубиш и да сочувствуваш. Да сочувствуваш со оној што го љубиш. Љубовта се труди за љубената личност. По цела ноќ трча, бдее, сѐ  додека не ги раскрвари нозете само да се сретне со љубената личност. Поднесува жртви. Ништо не зема во обѕир, ни закани ни тешкотии, а сé во името на љубовта. Љубовта кон Христа е нешто сосема друго, бесконечно возвишување.

Кога ќе кажеме љубов, тука не станува збор за врлините кои ќе ги стекнеме туку за срцето кое го љуби Христа и ближните. Сé насочуваме во тој правец. Гледајќи мајка со детенце во својата прегратка, зарем не гледаме колку таа го љуби и колку е исполнета со копнеж? Зарем не гледаме колку и сјае лицето додека во прегратките го држи своето ангелче? Божјиот човек сето ова го забележува. Тоа нему му остава впечаток, и тој бидејќи духовно жеден, вели: камо среќа и јас да чувствувам таков копнеж кон мојот Бог, по својот Христос, по Пресвета Богородица, по светите Божји угодници! Да, така треба да го засакаме Христа Бога. Посакуваш, сакаш, и се стекнуваш со благодатта Божја.

Дали, меѓутоа, го имаме во себе пламенот на љубовта кон Христос? Кога сме преуморени, дали брзаме да се одмориме во молитва кон Возљубениот или Му се молиме како од беда, со зборовите: о, сега јас уште морам да ја завршам  и молитвата и молитвеното правило? ...Што тоа нам ни недостига  и зошто така се чувствуваме?  Ни недостига божествена љубов. Таква, изнудена молитва нема вредност. Дури може да ни нанесе и повеќе зло.

Ако душата залудно се изнамачи и стане недостојна за љубовта Христова, Христос ги раскинува односите со неа, зашто Христос не сака во своја близина „груби“ души. Душата треба повторно да си дојде при себе. Повторно да стане достојна за Христа. Да се покае „до седумдесет и седум пати“. (Мт.18,22). Вистинското покајание ќе и донесе осветување. Немој да велиш: годините ми поминаа залудно, не сум достоен и слично. Наместо тоа, можеш вака да зборуваш: и јас се сеќавам на оние празни, бесплодни денови кога уште не живеев за Бога...

Па и во мојот живот имаше тука и таму празни  денови. Имав дванаесет години кога стигнав на Света Гора. Па зерем не беа тоа некои години? Бев, секако, дете, момче, но сепак дванаесет години поминав далеку од Бога. Толку многу години!... Чујте што вели свети Игнатиј Брјанчанинов во својата книга Сине мој, дај ми го срцето твое: „Ниеден труд, ни телесен, ни духовен, во кој нема болка и напор, никогаш не донесува плод на оној кој се труди, зашто Царството Небесно  насила се зема  и подвижници го задобиваат, при што со сила се нарекува телесниот подвиг во сѐ.“[1]

Кога го љубиш Христос, вложуваш напор, но благословен напор. Поднесуваш труд, но со радост. Правиш метании, се молиш, но затоа што сето тоа е твоја  најдлабока желба, божествена желба и копнеж. Тоа е труд, и копнеж и љубов; копнеење и радост, и веселба и љубов. Метаниите, бдеењето, постот - сето ова е труд и напор заради Возљубениот. Напор е да живееш со Христос. Само што тој труд не се вложува изнудено, сѐ трудиш, но без негодување. Што и да правиш изнудено, на сила, создава големо зло во твоето битие и во твоето дејствување. Грчот на принудата и на наметнатиот подвиг создава отпор. Трудот заради Христос и вистинската желба се љубов Христова, тие се жртва, и предавање на себе. Тоа го чувствувал и цар Давид додека пеел: ,,Жеднее и се топи душата моја по дворовите Господови“ (Пс. 83,3). Жеднее, копнее, и се топи душата моја од љубовта Божја.

Овие Давидови стихови се согласуваат со стиховите на поетот Веритис кои ми се допаѓаат: ,,Во друштво со Христос да живеам пламено посакав, сѐ додека не дојде  последниот миг да ја предадам душата.“ 

Потребно е внимание  и срдечност  за човек да го разбере она што го проучува, и тоа да го впие во себе. Тоа е трудот што човекот ќе го вложи. Умилението, топлината на срцето, благодатните солзи, ќе ги стекне потоа без особен труд. Сето тоа следува,  тоа се дарови Божји. Дали во една љубовна врска е потребен напор и самопринудување?                       

Кога ќе ја сфатиш смислата на тропарите, богослужбените канони и Светото Писмо, ќе бидеш привлечен од Христос радувајќи се, ќе влезеш во вистината радувајќи се: ,,Си ми го исполнил срцето со радост“(Пс.4,8).

Така, спонтано, без проливање на крв, доспеваш до умиление. Дали ме разбирате?

Јас бедниот сакам да ги слушам зборовите на Отците, зборовите на подвижниците, зборовите на Стариот и Новиот Завет. Со нив сакам да се насладувам. Тие ја негуваат божествената љубов. Нив ги сакам и околу нив се трудам. Но не можам доволно. Се разболев, па духот ми е бодар, но телото слабо (Мат. 26,41). Не можам да правам метании. Ништо не можам. Посакувам, копнеам и сакам да бидам на Света Гора, и да правам метании, да се молам, да вршам богослужба, и да сум во друштво на уште eден подвижник. Подобро е да се подвизуваат двајца заедно отколку сам. Тоа нам  ни го кажа и Самиот Господ Христос: „...Каде што се двајца или тројца  собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив.“ (Мат.18,20)       

                                                    

 

[1] Свети Игнатиј Брјанчанинов, Сине Мој дај ми го срцето твое, изд. Ортодоксос Кепсели, Солун 1978,стр. 161.

 

превод: сестринството на Слепченско Претеченскиот манастир