БИТИЕ Уметноста и животот на старец Софрониј, II дел

11/08/2021

од Христабел Елена Андерсон

 

Духовна потрага преку уметноста:

Тој продолжи да се стреми и бара одговори низ неговата работа како сликар. Во неговото студио во Москва „...тој би работел со часови за на крај, трудејќи се од петни жили да го нацрта неговиот предмет непристрасно, да го изрази неговото минливо значење, а во исто време да го искористи како појдовна точка за истражување на бесконечното. Тој беше измачуван од противречните аргументи... Во обид да излезе од тесната рамка на постоењето тој се зафати со јога и применуваше медитација... Единственото потребно беше да ја открие смислата на нашата појава на оваа планета; да се наврати на моментот пред создавањето и да се спои со нашиот првобитен извор. Тој продолжи несвесен за социјалните и политички афери – целосно преокупиран со мислата дека ако човек умре без можноста за враќање во сферата на Апсолутното Битие, тогаш животот нема значење...“  

Сергеј исто така ги проучувал филозофските уметнички мислители од тоа време, во обид да најде решение. Од нив личноста која имала најсилно влијание бил Василиј Кандински.

Кандински и ‘чиста креативност’

„Во моите млади денови, преку еден Руски сликар кој подоцна стана славен, бев привлечен од идејата за чиста креативност, земајќи ја формата на апстрактна уметност.“   

Василиј Кандински, Сонлива импровизација, 1913 година,
масло на платно. Pinakothek der Moderne, Баварски државни збирки слики, Минхен.

Сестра Гаврила опишува како „...концептот за чиста креативност одговара на Сергеевиот копнеж и потрага да го наслика недостижното и бесконечното. Апстрактното сликање беше или изгледаше дека е најдобриот начин да се пренесе неописливото и необјаснивото со визии од друга нова творба.“

Кандински учел дека уметноста треба да послужи за развој на душата, пишувајќи: „Сликарството е уметност. Уметноста не е бесмислено творење на работите, измешано во вакум. Тоа е моќна сила и има многу цели. Треба да послужи за развој и прочистување на човековата душа.“ Ова поврзано со верувањето на Сергеј за уметноста како средство да ја наслика вечноста и истражи и реши мистеријата на Битие.

Кандински ја нагласувал важноста од внатрешна слобода и неопходноста на уметникот „да го облагороди својот внатрешен живот, од кој треба да извираат формите на ново создавање, изразувајќи ги внатрешните соништа на уметникот во свои уникатно конструирани линии, форми и бои.“ Сергеј ревносно работел во потрагата по решението во неговата уметност, со цел “...не да копира природни феномени туку да произведува нови сликарски факти.“ 

Истовремено, неговата работа била прекинувана од повторливи периоди на воена служба, како помлад офицер во инжинерскиот оддел, што вклучувало и работа во дивизијата за маскирање одреден период. Иако никогаш не бил испратен во битка среде насилството и крвопролевањето, „неодложноста за решавање на прашањето за Битието беше интензивирана од дневните ужаснувачки известувања за загубите од фронтот.“ 

 

Враќање во фигуративната уметност

 П. Кончаловски, Портрет на Леонардо Бенатов,
1920 година, масло на платно

Токму во студиото на Илја Машков, подготвувајќи се за приемни испити во Московскиот институт за сликарство, го запознал Леон (Левон) Михајлович Бунатијан (1899-1972), кој бил познат како Леонардо Бенатов и со кнежевско ерменско потекло. Тој станал доживотен пријател на Сергеј и „уште од првиот контакт откриле дека делат заеднички стремеж: да се обидат да го достигнат и изразат вечното во уметноста и да ја достигнат тајната на Битието.“ 

Таа 1917 беше година на крајна нестабилност. Сергеј немал никаквао учество во политичките прашања и во времето на Болшевичкиот државен удар бил болен од тифус, што тогаш беше епидемија. Тој беше повикан во војската и... „иако тој не бил вклучен во дирекни борби, акутната ситуација само го засилила Сергиевото внатрешното страдање, доведувајќи го на работ на очај.“

Некаде во овој период тој одлучил да се оддалечи од апстрактната уметност, бидејќи неговата потрага на овој начин во голема мера не вродила со плод. За ова тој подоцна раскажувал дека:

„ ...(апстрактната уметност) ме обзеде две или три години и ме доведе до првата теолошка мисла да создавам во мојот ум... јас набрзо сфатив дека не ми беше дадено мене, човечко битие, да создавам „од ништо“, на начин на којшто само Бог може да создаде. Сфатив дека сé што јас создадов беше условено од она што веќе постоеше. Не можев да измислам нова боја или линија што не постоела никогаш никаде претходно. Апстрактната слика е како река од зборови, убави и милозвучни сами по себе, можеби, но никогаш не изразувајќи целосна мисла. Накратко, апстрактна слика претставува распаѓање на битието, пад во празнина, враќање во non esse (небитие) од каде бевме повикани со творечкиот чин на Бога. Поради тоа ги напуштив моите бесплодни напори да измислам нешто ново, и проблемот на креативната работа сега во мојот ум стана тесно поврзан со сознанието за Битието.“ 

Тој сега се стремел да ја бара и изразува вечноста преку сликање на убавината и возвишеноста на природата, обидувајќи се да го разбере својот Творец преку творењето. Ова го одбележа почетокот на неговото враќање кон Бога од неговото детство, и повторно започнал да се моли.

Во овој контекст, во летото 1918 година Сергеј поднесе апликација до московскиот институт за сликарство, скулптура и архитектура, кое дотогаш премина во СВОМАС – или слободните државни уметнички студии. Тој, со Бенатов, го одбрал студиото на Кончаловски, кој претходно бил еден од нивните учители во училиштето на Машков.

( продолжува... ) 

 

Превод: Сестринството на Манастирот Свети Јован Претеча Слепче 

https://www.manastirslepche.mk/novost/bitie-umetnosta-i-zivotot-na-starec-sofronij-i-del/