Акатист на Светиот Архангел Михаил

10/06/2020


Кондак 1

            Сјаен Војводо на небесните Сили и заштитниче на човечкиот род, Тебе Ти ја принесуваме оваа пофална песна ние кои со Тебе се избавуваме од неволји. А Ти стоејќи пред Престолот на Царот на славата, ослободи нe од секоја опасност, со вера и љубов дa воскликнуваме кон Тебе:

 Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 
Икос 1

  Како предводник на огнезрачните чинови, Архистратиг Михаиле, би требало да те славиме со ангелски јазици, но додека ти нас не не умудриш и не не научиш на јазикот na Бестелесните Битија, дотогаш слушни ги од нашите, иако човечки усни, овие пофалби:

   Радувај се, првообразна ѕвездо на светот!

   Радувај се, светлозарна светлино  на вистината и правдата!

   Радувај се, меѓу ангелските хорови најпосреден примател на несоздадената Светлина!

   Радувај се, старешино на Архангелите и Ангелите!

   Радувај се, во Тебе најмногу блеска славата од десницата на Творецот!

   Радувај се, украс на сите Бестелесни Битија!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!


Кондак 2

         Гледајќи ја со очите на верата величината на духовната убавина и силата на молњоносната десница твоја, Божји Архангеле, ние како земни и со тело обложени битија, се исполнуваме со восхит, радост и благодарност спрема Творецот на се, воскликнувајќи со сите Сили Небесни: Алилуја!

 

Икос 2

            Испроси за нас чист разум  слободен од страстите, чудесен Михаиле, старешино на Небесните Чинови, издигнувајќи се со мислата од земното кон небесното, дa пееме пофална песна:

   Радувај се, најблизок набљудувач на неискажаната Божја убавина и прекрасност!

   Радувај се, најповерлив тајник на благата намера нa Пресвета Троица!

   Радувај се, верен извршител на предвечните одлуки на Творецот!

   Радувaј се, Тебе со љубов ти се восхитуваат Небесните Војски!

   Радувај се, Тебе со вера те прославуваат земнородните!

   Радувај се, од Тебе треперат адските сили!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 

Кондак 3

    Покажувајќи сила на несоборлива ревност за Божјата слава, Архангеле Михаиле, си застанал на чело со ангелските легиони против гордата Деница кој дишеше со злоба. Kога тој со мрачните соучесници свои беше истеран од небесната висина во поднебесјето, тогаш Небесните Војски, славно предводени од Тебе, со една усна радосно воскликнаа пред Престолот Божји: Алилуја!

Икос 3

   Сиот род христијански, Архангеле Михаиле, Те има Тебе – големиот застапник и добар помошник во борбата со противниците, ние сакајќи да се удостоиме на чудесната твоја заштита во денот на твоето прославување, Ти пoвикуваме:

   Радувај се, со Тебе сатаната беше како молња исфрлен од Небесата!

   Радувај се, човечкиот род од Тебе чуван, восходи кон Небесата!

   Радувај се, прекрасен украс на горниот светол свет!

   Радувај се, преславна заштито на паднатиот долен свет!

   Радувај се, Тебе силите на злото не можат никогаш да Те победат!

   Радувај се, со сите Божји Ангели со Божјата благодат засекогаш сте утврдени во вистината и правдата!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 

Кондак 4

        Првопрестолник на Ангелите, избави не од искушенија и опасности, нас кои со љубов и радост те славиме, бидејќи Ти си голем помошник во неволјите, a во часот на смртта чувар и заштитник од злите духови, затоа воскликнуваме кон Твојот и наш Господар и Бог: Алилуја!

 

Икос 4

           Гледајќи ја твојата храброст против сатанската војска, сите Чинови Ангелски се дигнаа со Тебе во војна за Името и славата на Господ свој, воскликнувајќи: кој е како Бог! А ние, знаејќи дека сатаната е фрлен под твоите нозе, повикуваме кон Тебе како победител:

    Радувај се, мир и тишина со Тебе се зацари на Небото!

   Радувај се, духовите на злото со Тебе беа истерани до пеколот!

   Радувај се, ангелските Војски и Силите на невидливиот свет Ти ги упатуваш кон  истребување на злото!

   Радувај се, Ти кој невидливо го скротуваш раздорот и тревогата на стихијата во видливиот свет!

   Радувај се, чудесен соборец на оние кои водат војна со духовите на злобата под небото!

    Радувај се, моќен помошник на оние кои изнемоштуваат во искушенијата и напастите во овој век!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!


Кондак 5

          Во Твојот храм во Хон Ти се покажа боготворен извор на чуда преголеми, бидејќи со својата сила не само што ја уништи таму огромната и страшна змија, туку отвори и извор на вода која ја исцелува секоја телесна болест, на Господарот на Ангелите кој Тебе те прославува, сите дa Му воскликнеме: Алилуја!


Икос 5

      Слушајќи и знаејќи, прекрасен Михаиле, дека среде светите Ангели блескаш како светило, ние приоѓаме кон Тебе, после Бога и Божјата Мајка. Oсветли не сите нас со фаќелот на твојата светлина кои Ти воскликнуваме:

    Радувај се, водител и чувар во пустината на богоизбраниот народ!

    Радувај се, возвишен посредник на законот, даден преку Мојсеј на Синај!

    Радувај се, судиите и водителите на Израилскиот народ полагаат во Тебе сила и заштита!

    Радувај се, пророците и Јудејските првосвештеници преку Тебе добиваа дар на знаење од Сезнаечкиот Бог!

   Радувај се Ти, кој благоглаголивите законодаватели ги снабдуваш со тајна мудрост!

   Радувај се Ти, кој ставаш благост во срцето на оние кои ги делат судот и правдата!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 

Кондак 6

      Кога Тебе, весникот на Божјата одлука, некогаш Те здогледа Маној, се исполни со недоумица и страв мислејќи дека му нема повеќе живот на земјата. Но, известен од својата жена за благоста на твоето јавување и за кроткоста на твоите зборови, тој од радост по твоите зборови, дека ќе му се роди син Самсон, благодарно воскликна кон Бога: Алилуја!

 

Икос 6

           Заблеска со чудна слава, Архангеле Михаиле, кога во човечки облик застана пред Исус Навин, зборувајќи: Соблечи ги обувките од своите нозе, јас сум Архистратиг на Господовите сили. Восхитувајќи се на таквото Твое јавување, ние со љубов Ти воскликнуваме:

   Радувај се, буден чувар на боговенчаните глави!

   Радувај се, брз соборувач на оние кои се спротивставуваат на власта, бидејќи на Божјата наредба се противат!

   Радувај се, помирител на народните побуни!

   Радувај се, уништувач на безбожните обичаи!

   Радувај се, Ти ги просветуваш сомнителите во часот на тешката недоумица!

   Радувај се, Ти ги избавуваш искушуваните од погубните клевети!

 Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!


Кондак 7

           Господарот на се, сакајќи да покажe дека судбините на човечките синови не се случајни, туку секогаш се наоѓаат во Неговата десница, Те одреди Тебе за заштитник и чувар на земните царства, племињата и народите дa ги подготвиш за вечното Царство Божјо. Поради тоа, сите свесни за твоето служење за човечкото спасение, благодарно кон Богa воскликнуваат: Алилуја!

 
Икос 7

      Творецот и Господарот на се ни покажа преку Тебе, Архистратигу ново чудо на земјата, кога Ти чудесно го спаси од поплава храмот соѕидан во твоето име, наредувајќи водата и потокот дa потонат во бедрата на земјата. Гледајќи го тоа, блажениот Архип со духовните свои чеда благодарно воскликна кон Тебе:

   Радувај се, неразрушлива оградо на Божјите свети храмови!

   Радувај се, несоборлива пречка за непријателите на Христовата вера!

   Радувај се, на твојата наредба стихиите се покоруваат!

    Радувај се, со Тебе сите злобни замисли се рушат!

    Радувај се Ти, кој на верните радост им нoсиш од Престолот на Седржителот!

    Радувај се Ти, кој верните ги приведуваш на патеката на вистината и правдата!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 

Кондак 8

       Необично чудо на твојата сила, Божји Архистратиг, доживеа Авакум, кога Ти по Божјата заповед го пренесе брзо од Јудеја во Вавилон, за да даде храна на Даниил, фрлениот во јамата меѓу лавовите. Поради тоа, восхитувајќи се на преголемото дејство на твојата сила, тој повика со вера: Алилуја!


Икос 8

       Сиот си небесен, Архангеле Михаиле, стоејќи пред Престолот на Царот на славата, но не си далеку ни од нас кои сме долу, војувајќи секогаш со непријателите за човечкото спасение. Поради тоа, сите кои сакаат да ја достигнат посакуваната Небесна Татковина, сложно воскликнуваат кон Тебе:

   Радувај се, хороводител на трисветото ангелско пеење!

   Радувај се, секогаш спремен чувар и посредник на земнородните!

    Радувај се Ти, кој на чуден начин го порази фараонот со неверните Египтјани!

    Радувај се Ти, кој верните Јудејци преславно си ги водел преку пустината!

    Радувај се Ти, кој го изгасна огнот во вавилонската печка!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 

Кондак 9

             Сите монаси на Света Гора Атонска ги опфати радосно восхитување, гледајќи како Ти го спаси богобојажливото момче кога безумните златољупци го фрлија во морето со камен на вратот. Поради тоа, обителта која го прими, красејќи се со твоето име, благодарно повика кон Господа: Алилуја!


Икос 9

      Беседите на благоглаголивите и љубителите на мислите, не се во состојба да ја искажат твојата сила, Архистратигу Михаиле, како Ти за една ноќ си погубил сто осумдесет и пет илјади војници на асирскиот цар Сенахерим, за казна повеќе дa не се хули Името Господово. Ние пак, почитувајќи ја твојата света ревност за славата на Бога Вистинскиот, весело Ти воскликнуваме:

   Радувај се, на православните војски непобедлив војводо!

   Радувај се, страв и уништување за војните походи на зловерните!

   Радувај се, засадувач на правата вера и богопочитување!

    Радувај се, искоренувач на душегубните расколи и ереси!

    Радувај се, Ти кој побожните Макавеи многу пати на боиштето ги закрепна!

    Радувај се Ти, кој Антиохевиот безбожен војвода Илиодор во самиот храм го порази!

 Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!


Кондак 10

     Божји Архистратигу, на нас кои сакаме да се спасиме биди ни неотстапен помошник, избавувајќи не и чувајќи не од секоја беда и напаст, а особено од лошите навики и нашите гревови, напредувајќи во верата, надежта и љубовта Христова, со радост поради чудесната твоја заштита да пееме пофалба на Господарот на Ангелите и луѓето: Алилуја!


 
Икос 10

Божји Архистратигу, Ти си заклон и непоколеблива тврдина на верните луѓе во борбата со видливите и невидливите непријатели, поради тоа, избавени со Тебе од ѓаволските замки, ние со благодарно срце и усни воскликнуваме:

    Радувај се, непобедлив борец против непријателите на верата и противниците на светата Црква!

    Радувај се, неуморен соработник со смирените проповедници на Евангелието!

    Радувај се Ти, кој со светлината на Христовата вера ги просветлуваш оние кои седат во темнина!

    Радувај се Ти, кој ги изведуваш на патот на покајанието и вистината оние кои се заблудени во лажните учења!

    Радувај се, непоткуплив одмаздник на оние кои залудно се колнат во Името Божјо!

    Радувај се, Ти кој ги укоруваш оние кои бесрамно ги исмеваат Тајните на Светата вера!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 
Кондак 11

       Секоја пофална песна, Божји Архистратигу, ги надминува мноштвото чуда твои, кој ги направи не само на Небото и на земјата, туку и во темните понори на поднебесјето, каде со оковите на Господовата сила го окова злиот сатана. Избавени од неговата злоба, Го благословуваме Господарот на Небото и земјата воскликнувајќи: Алилуја!


Икос 11

    Архистратигу Михаиле, Ти  како светлоносен служител на вистината со чистотата на богопочитувањето се јави, кога гледајќи  го лукавството на духовите на темнината, со Божјото Име му забрани на ѓаволот да не се осуди да покаже каде се наоѓа телото сокриено на Израилскиот војвода Мојсеј, за синовите Израилеви дa не го почитуваат. Поради тоа, почитувајќи го светото твое име, ние благодарно воскликнуваме:

     Радувај се, Ти кој во деновите на Стариот Завет ја сочува чистотата на богопознавањето меѓу Евреите!

     Радувај се Ти, кој во деновите на новата благодат многу пати од корен го откорна каколот на заблудата!

     Радувај се, истребител на многубожното пророкување и идолите!

     Радувај се, закрепнувач на православните подвижници и страдалници!

     Радувај се Ти, кој немоќните ги исполнуваш со духот на силата од Божјата благодат!

     Радувај се Ти, кој во оружјето на верата ги облекуваш оние кои изнемоштуваат со телото!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!


Кондак 12

      Архистратигу Михаиле, измоли благодат за нас од Бога на Небесата, кои пееме во слава на чесното твое име, закрилени од Тебе, дa поживееме во секоја побожност и чистота, додека смртта не не раздели од телото, и така да се удостоиме да се претставиме пред огнезрачниот Престол на Царот на славата и со Ангелските хорови да воскликнеме: Алилуја!


Икос 12

       Опевајќи ги разните чуда твои, Архистратигу Михаиле, коi ги направи поради наше спасение, ние Го молиме Господарот на се, духот на твојата ревност за Божјата слава никогаш да не се намалува ниту во нас кои Ти воскликнуваме:

    Радувај се Ти, кој верните Божји слуги благовремено ги поставуваш на висината на власта!

    Радувај се Ти, кој дрските и недостојните невидливо ги истеруваш од височината на силата и славата!

    Радувај се Ти, кој во последниот ден треба да ги собереш избраните од сите четири страни на земјата!

    Радувај се Ти, кој грешниците како какол, по Божјите зборови, ќе ги предадеш на вечниот оган!

    Радувај се Ти, кој сатаната со неговите ангели ќе ги фрлиш во огненото езеро во веки веков!

    Радувај се Ти, кој праведните славно ќе ги населиш во обителта на Небесниот Отец!

Радувај се, Михаиле, голем Архистратиг, со сите Небесни Сили!

 
Кондак 13

           О, чудесен старешино на Архангелите и Ангелите, за прекрасното твое служење за спасение на човечкиот род, прими го сега од нас овој глас на пофалба и благодарност кој ти го принесуваме, зa дa ти исполнет со Божјата сила, не засолниш со невештествените крилја твои од сите видливи и невидливи непријатели, и на Господа, Кого Ти Го прославуваш и Кој Тебе Те прослави, непрестaно дa Му воскликнуваме:

Алилуја!

( овој кондак се чита трипати )
И повторно се чита Икос 1 и Кондак 1.

 

 Прва молитва кон светиот

Архангел Михаил*

       Свет и голем Божји Архангеле Михаиле, прв претстојувач од Ангелите пред Пресвета Троица, заштитник и чувар на човечкиот род, Ти кој со својата Војска ја скрши главата на гордиот Деница на Небото, и секогаш ја посрамуваш неговата злоба и лукавство овде на земјата, кон Тебе со вера пристапуваме и Тебе со љубов Те молиме, биди тврд заштитник и силна одбрана на светата Црква и нашата татковина. Огради ги со твојот меч што е како молња, од сите видливи и невидливи непријатели. Биди непобедлив војвода и сојузник на нашата христољубива војска. Овенчај ја со слава и победа над непријателите, та да видаат сите кои се спротивставуваат дека со нас е Бог и Неговите свети Ангели. Не не оставај, о Архангеле Божји, без твојата помош и заштита, нас кои го прославуваме твоето име. Бидејќи иако сме многу грешни, ние не сакаме да загинеме во нашето беззаконие, туку да се обрнеме кон Бога и да бидеме упатени од Него на секое добро дело. Осветли го нашиот ум со Светлината на Божественото Лице, кое секогаш свети на твоето чело, да можеме да ја разбереме која е благата и совршена Божја волја и да сознаеме што е потребно да правиме, а што да презираме и оставиме. Утврди ја со Господовата благодат, нашата слаба волја и желба, тa утврдени во Божјиот закон дa не дадеме повеќе влијание на земните помисли и телесни желби, измамени како деца на брзоминливата убавина на овој свет, поради распадливото и земно безумие да не заборавиме што е вечно и небесно. А над сето тоа, измоли за нас од горе дух на вистинско покајание, нелицемерно стремење кон Бога и скрушеност за нашите гревови, да го поживееме остатокот од нашиот привремен живот, не угодувajќи на сетилата и страстите, туку да  се покаеме за се што сме лошо направиле, со солзи на верата и срдечното покајание, со помош на подвигот за чистота и светите дела на милосрдие. А кога ќе се приближи крајот на нашите денoви и ослободување од врските на телото, не не оставај нас, Божји Архангеле, без заштитата против духовите на злобата под небото, кои го попречуваат патот на човечките души кои копнеат кон Небото, туку водени oд Тебе, без препрека да го достигнеме онa преславно рајско живеење, каде нема ни жалост ниту воздишки, туку е бескраен животот. Tака удостоени, да го видиме Лицето пресветло на благиот наш Господ и Владика, да паднеме со солзи кон Неговите нозе и радосно  и умилно да речеме: Слава на Тебе, најмилиот наш Избавител, Koj од преголемата љубов спрема нас недостојните, си благоизволел да ги испратиш твоите свети Ангели за да ни послужат во нашето спасение. Амин.*

Втора молитва кон светиот

Архангел Михаил*

   Сиот си оган и ревност, свети Архистратигу Михаиле, затоа Те молиме, зачмаените наши души запали ги со огнот на твојата ревност, со будна совест секогаш радосно да служиме на заедничкиот Господ наш, усрдно угледувајќи се на Тебе, безгрешниот и свет наш брат, и врховен војсководител на сите небесни и земни Христови војски. Прекрасниот Господ Христос направил една Црква од Ангели и луѓе, за да ние луѓето кои таинствено ги претставуваме Херувимите на земјата, ги гледаме небесните наши браќа, на чие чело стоиш Ти, светол и прекрасен Архистратиг Михаиле. Ти на Небото си го победил злиот сатана и си го фрлил од Небесата на дното на пеколот, помогни ни и нам, секогаш, Те молиме, семоќен Архангеле, дa и ние со победната сила твоја го победиме лукавиот сатана, кој нас од сите страни не напаѓа преку безбожните луѓе, преку нечистите помисли, преку земните страсти, преку опојните сласти.

      Сиот си свет, чист и безгрешен, прекрасен Првоангеле Божји, Тe молимe безгрешен, Те молиме сесвет, Те молиме сечист, учи не дење и ноќе како да живeеме свето, чисто и безгрешно, и дарувај ни ја твојата херувимска сила, за да вистински и херувимски живееме на земјата ние кои по неизмерното Божјо човекољубие претставуваме Херувими на земјата. Не не оставај  нас во отровната кал на нашите сластољубиви земни желби, туку  подигни нe во небесните ангелски  височини, и оспособи нe свето и ангелски да поживееме додека сме во тело на земјата. Милостиво погледни на нас, победоносен Архангеле, снисходливо спушти се до нас заспаните во гревови. Разбуди нe за борба со злото, со смртта, со ѓаволот, водени и бодрени од Тебе, лесно да го совладуваме секој грев, секоја страст, секоја смрт, секој ѓавол. Ние знаеме, богоносен Архангеле: Ти имаш власт над нечистите духови, над болестите, над смртта, над гревовите; исполни ги нашите души со Божествена сила своја, за да и ние нестрашливо војуваме и херувимски да ги победиме сите непријатели на нашето спасение, нашата вера, нашите души. Секаде победоносен Војводо на небесните Сили, Ти си го исчистил Небото од сатаната и црните сили негови; очисти ги и нашите души од секој грев, бидејќи нашите гревови ги отвараат вратите и прозорците на нашите души, преку нив влегуваат во нас нечистите демонски сили, ги валкаат и умртвуваат нашите души, кои треба да се ангелски чисти и ангелски бесмртни. Без твојата победоносна помош, Небесен Војсководителе, ние лесно постануваме плен на нечистите сили; поради тоа од сето срце Те молиме: утврди ја во нас својата непобедлива војска и војувај за нас и пред нас, водејќи нe во секоја борба за нашата душа, за нашето спасение, за нашата вечност, и сигурна победа над секој грев и над секој ѓавол. О, пресвет Архангеле, ние очајни сме пред демонската ѓаволска сила, ако Ти не ни  дојдеш во помош со Божествената своја сила. Со Тебе, ние секогаш ќе носиме победа во сите битки за нашата душа, за нашето спасение, за нашата вечност; а без Тебе – ние беспомошно паѓаме; од пораз во пораз, од грев во грев, од пекол во пекол. Затоа биди секогаш со нас, и не не напуштај поради нашите гревови и нашата смрдеа, туку, сакајќи не со Божествената љубов, направи да го замразиме гревот и сите гревовни сласти, а да ги исполниме своите души со миомирисни Евангелски врлини. Ете, своите души ги предаваме на Тебе, пресвет Првоангеле Божји; Те молиме и преколнуваме, воведи не секогаш кон патиштата кои водат во Царството Небесно,  заедно со Тебе вечно да Го славиме милостивиот наш Спасител – преслаткиот Господ Исус Христос, Неговиот човекољубив Отец, и Благиот Дух Утешител, на Кого нека Му е слава и пофалба сега и секогаш и во сите векови. Амин.*

Крај, слава и пофалба на Бога!

Превод на сестринството на Слепченско Претеченската обител