Слепченскиот манастир посветен на славниот Претеча во својата десетвековна историја дал многумина истакнати црноризци, кои несебично се вградувале во евангелската и просветната мисија на овој стожер на словенската црковна традиција на славната Охридска архиепископија. Повеќето од нив се истакнале во препишувачката и преведувачката дејност оставајќи зад себе богато книжевно наследство. Така, овој манастир останува запомнет како еден од најавтентичните продолжувачи на делото на славните св. Климент и Наум. Особено, пак, процветал во времето на големата агарјанска наезда, кога паствата на архиепископијата го понеле тешкиот јарем на иноверното османлиско ропство.

Научниот интерес за Слепченската обител до сега главно беше сконцентриран на нејзината книжевна дејност, но овој манастир крие и една друга димензија која секако е и примарна димензија на секој манастир. Станува збор за монашкиот живот во него и светоста, која е главна цел на секој христијанин, а особено на монахот, кој напуштајќи ги житејските грижи се стреми единствено да Му угоди на Бога – неговиот небесен Младоженец. Несомнено многумина со својот подвиг во Слепче Му угодиле на Бога, живеејќи го мачеништвото на совеста и исполнувајќи ги монашките завети.

Но, маргините на едно Слепченско четвороевангелие од 1548 г. сочувале сведоштво за еден храбар возглавител на Слепченската обител, кој се удостоил со двоен венец од Бога – преподобен и маченички. Станува збор за игуменот Кипријан, кој духовно го раководел братството на Претечевата обител сè до Пасха во 1780 г., кога духовно совоскреснал заедно со Христа и се вброил во хорот на новомачениците.

За првпат игуменот Кипријан се споменува во еден запис кој самиот го направил во 1751 г. во едно Слепченско четвороевангелие. Тука не станува збор за четвороевангелието на Висарион Дебарски во кое е забележано мачеништвото, туку за постаро евангелие од XV век. Овој запис зборува за две воденици кои ги изградил еромонахот Кипријан на приватен имот на извесни Беле и Неделко, при што било договорено едната да биде за сопствениците на местото, а другата за Слепченскиот манастир . Овој запис всушност претставува договор помеѓу двете страни. Иако со сигурност не може да се тврди дека станува збор за истиот Кипријан, сепак мала е веројатноста да постоеле еден по друг двајца старешини со исто име.

Вториот познат запис во кој се среќава игуменот Кипријан е направен 29 години по првиот и е всушност единственото старо и автентично сведоштво за неговата маченичка смрт. Станува збор за запис на првата страница од Слепченското четвороевангелие напишано од познатиот слепченски монах и книжевник Висарион Дебарски во 1548 г.

Записот од Слепченското четвороевангелие може да се подели на два дела и тоа: првиот дел е оној во кој авторот зборува за економската состојба во таа 1780 г., при што забележува: „На 1780, сего ле[то] се стори скапија, пченицата помина килото дванаисет гроша и хршта помина килото осом гроша и крамата за имајнето се стори скапа сеното помина по три пари оката“.

Вториот дел од записот е токму оној во кој се содржи сведоштвото за големиот пустош на манастирот од страна на група арамии. Меѓутоа уште на почетокот се забележува извесна грешка во одредувањето на денот во кој се случил овој грабеж. Така, авторот запишал: „И сего лето на 1780, месеца априлија, 16 ден на Велики четврток на вечерта влегоа харамии“. Проблемот е во тоа што во 1780 г. Велики четврток бил на 14 април, а не на 16ти - датум што се поклопува со навечерието на Воскресението Христово. Колебливоста во одредувањето на датумот се забележува и на самиот запис, кадешто датумот 16ти (ϚΙ’) е даден како корекција на првичниот запис, кој не е исклучено да бил токму правилниот - 14ти (δΙ’).

Што се однесува на „арамиите“ авторот посочува дека манастирот го нападнале „Турци Колунци“. Тука станува збор за албанци муслимани од Колун, источно од Корча. Како што сведочи записот, игуменот Кипријан бил заробен, а крадците од него побарале пари . Откако бил мачен со горење, игуменот бил оставен полумртов, а манастирот бил ограбен. Покрај сребрениот кивот со свети мошти, чија вредност авторот на текстот ја одредува на сто и дваесет гроша, од манастирот биле однесени и три коњи натоварени со бакар и облека, и сè останато што имало некаква вредност .

Игуменот Кипријан поживеал сè до светлото Воскресение Христово, кога се упокоил заради повредите и горењето нанесени од напаѓачите. Така, судејќи според ова сведоштво игуменот Кипријан Слепченски се упокоил на 17 април 1780 г., по свирепото мачење од страна на колунските разбојници. Со овој чин игуменот Кипријан, подражавајќи ја Христовата жртва за Црквата, пострадал жртвувајќи се за доверената му обител и братството.

 

Записот од Слепченското (Висарионово) четвороевангелие направен во 1780 г., кој сведочи за страдањето на свети Кипријан Слепченски.

Запис од Слепченското четвороевангелие направен во 1751 г., од страна на игуменот Кипријан