Почитувани, дали може да ми објасните што значи "И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето, на секој ден му е доста неговото зло." Матеј 6,34

Едноставно духовниот живот треба да се живее како секој ден да ни е последен. Додека многу физички работи поради времетраењето на нивното извршување треба да се планираат и извршуваат во временски интервал, кој што може да биде пролонгиран и да опфати денови и месеци, во духовниот живот треба да се потрудиме да не зајде сонцето во нашиот гнев, значи, да се трудиме што и да се случува во денешниот ден и што и да го нарушило нашиот мир, ние треба да се повратиме и повторно да го воспоставиме.
На тој начин, почнувајќи од крупните судири помеѓу нас и ближниот да се трудиме да има веднаш помирување, на крајот од денот добро е да се преиспитаме како го поминавме истиот и со еден духовен подвиг во мир да го завршиме тој ден.
Злото што го спомнува Господ, за кое што вели дека: "на секој ден му е доволно неговото зло", тоа е злото коешто останува позади нас, односно ние луѓето непомирени помеѓу себе, во постојани судири го твориме тоа зло. И затоа кој е свесен нека се потруди да не додава на злото кое што постои во светот поради судирот помеѓу луѓето, и сопственото зло поради своето непомирување со ближниот.
Човекот кога ќе го запази ова, несразмерно во својата вера со тек на време потполно ќе се ослободи од грижите за својот опстанок и ќе го види учеството Божјо не само во секојдневниот живот туку и во секој здив кој што го прима во себе.
Имајте мир во Господа!

Слепченски Манастир