Тропар

Тропар на  преподобниот и рамноапостолен Кирил учител словенски

27/02/2020

14 февруари / 27 февруари

Глас 4
Уште од пелени, ти благоглаголив,
ревносно Премудроста своја сестра ја направи;
и така, Пресветлата ја појми како чиста девица.
Примајќи ја, ја  приведе,
 и како со монисти златни,
 со Неа својата душа и ум ги украси,
 и така ти блажен,
 се појави како втор Кирил,
именит, и со разум мудар.

Извор МПЦ-ОА

И друг:

Тропар на светиот
Философ Кирил Солунски

Се развесели духот твој Кириле,
и се зарaдува срцето кога стигна во Господовите дворови,
вечно одморајќи се од патиштата земни,
каде Господ преку тебе Вистината ја рашири,
Словото го прослави, Духот го засади.
Радувај се учителе, кој благоста на Мудроста
 ја засеа во срцата,
на оние кои го бараат Бога,
а Тој по твоите свети молитви,
ги чува со Неговата моќна десница,
покрива со покров Негов,
за сите да го фалат и слават Името на Отецот,
 Синот и Светиот Дух во вечни векови.

3.angeli.so.truba

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Кондак

Од младоста Троичниот те венча со Ќерката Своја,
а Таа како мираз дарови ти донесе,
од висините небесни, од длабочините на спознанието,
од пазувите на љубовта, а ти како самарјанин патувајќи,
сѐ за секого и секому раздаде,
за спасение Господа да Го познаат,
и опростување од незнаењето и гревовите да добијат,
прославувајќи ја милоста Негова во вечни векови.

3.angeli.so.truba

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец Авксентиј Витински

27/02/2020

14 февруари / 27 февруари

Светлината се зацари во тебе,
о Авксентие оче наш преподобен,
и темнината место ѝ отстапуваше, на сите патишта од животот твој:
лагата луѓето ги напушташе, демоните во темнина најкрајна,
вистината на соборот победи,
и мноштво умудрувања по твоите свети молитви,
со кои и ние денес во слава Божја сме осенети.

3.angeli.so.truba 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец Марон

27/02/2020

14 февруари / 27 февруари

Храмот на гордоста, со благодатта Христова
во Храм Божји го приведе,
ти Мароне оче наш преподобен,
и од него Господ на сите страни раздаде од твоето,
прелевајќи од Неговото во срцето,
во душата, во умот твој, за исцеление на многумина
со еден лек за сите – молитвата – топло принесена.
Радувај се учителе, радувај се бесплатен лекаре,
радувај се за нас, пред Бога вазден ревносен застапниче.

3.angeli.so.truba

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец Акепсим

26/02/2020

13 февруари / 26 февруари

Земјата го прими нејзиното,
а духот твој се зарадува во Господа,
о Акепсиме Христов подвижниче,
и така вкусувајќи од рајските плодови,
Вистинитиот те обдари со венци невенливи,
лијат благодат и денес служат за наше спасение
и пред Бога поклонение.

3.angeli.so.truba

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот Христов преподобен Симеон Мироточив

26/02/2020

13 февруари / 26 февруари

Глас 3
Просветувајќи се со божествената благодат,
и по смртта покажувајќи ја светлината на твојот живот,
точиш благоухано миро на оние кои притекнуваат
кон кивотот на твоите мошти.
Луѓето твои си ги упатил
кон светлината на богопознанието,
Симеоне оче наш, моли Го Христа Бога
да ни дарува милост голема.

Извор МПЦ – ОА

Тропар на светиот преподобен Мартинијан

26/02/2020

13 февруари / 26 февруари

Глас 8
Пламенот на искушенијата си го угаснал
со течението на твоите солзи, блажене,
и морските бранови,
 и нападите на ѕверовите скротувајќи ги,
си повикувал:
Препрославен Си, Сесилен,
Кој од огнот и бурата ме спаси.

Извор МПЦ-ОА      

Верски календар